Paypal доаѓа во Македонија!!!?
Од Никола Бојков - пет дек 02, 11:07 am

Paypal и официјално …, претпоставувам дека очекувавте да прочитате дека конечно Paypal доаѓа во Македонија
За жал насловот ми е малку “новинарски”, за да Ве привлечам и да Ве натерам да го прочитате она што сакам да го споделам подолу.
Уште од кога знам за е-трговијата во Македонија, на сите главен проблем им е тоа што нема Paypal во Македонија. Да тоа е недостаток, но можеби е крив и нашиот менталитет, па кога нешто не оди како што треба или како што очекуваме, се нешто ни фали и некој друг ни е крив. Сме се фатиле како слеп за стап со Paypal, како да кога ќе дојде Paypal во Македонија, е-трговијата одеднаш ќе почне да цвета и сите конечно ќе може да започнат со својот онлајн бизнис. И бидејќи толку ќе ни биде се розево, ќе му дадеме на Paypal зграда на плоштад, а може да изградиме и споменик веднаш до Аце, или наместо меч во раката Аце ќе држи Paypal картичка.
Не велам дека доаѓањето на Paypal не е важно, мислам дека малку ја преувеличуваме целата работа. Па така во секое интервју со министерот Иво Ивановски, задолжително има прашање “Од кога Paypal во Македонија?”, а со тоа само сакаме да кажеме дека сме експерти за е-трговија.
За развој на е-трговијата постојат 3 предуслови кои треба да се исполнети:
- Интернет пенетрација
- Пенетрација на платежни картички
- ДОВЕРБА
За првото според Заводот за Статистика интернет пенетрацијата во Македонија е над 50%, што е доста добар процент. Oд вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 58,9%, додека интернет користеле 56,7%. Што значи дека многу веројатно е дека повеќе од половина од Вашата таргет публика е на интернет.
На оваа статистика, само се надоврзува и бројот на Facebook корисници во Макеоднија (873.900 корисници), што е уште еден индикатор за исполнување на првиот услов за развој на е-трговијата во Македонија, односно интернет пенетрација. Целосниот извештај од Заводот за Статистика може да го прочитате овде!
Во последните години со реформата на владата, со можноста платите на администрацијата и пензиите да се земаат на картица, брзо порасна и бројот на издадени платежни каритчки, така да денес нормално е секој да има картичка.
Пред некој ден се израдував кога забележав дека бабичка од 70тина години, си плаќаше во Кам со картичка.
Според Casys, бројот на платежни картички во Македонија е 1.451.139 картички што реално може да се користат за онлајн плаќање. Е тука има само еден мал проблем, а тоа е Стопанска Банка. Доколку ги прашате сопствениците на е-продавници, најголем проблем им е тоа што со картичките на Стопанска Банка не може да се плати онлајн, освен да платите сметка кај T-mobile. Мислам дека ова е многу поголем проблем од тоа што нема Paypal во Македонија. Надополнување: картичките на Стопанска банка освен на вебсајтот на T-Mobile, функционираат и на шопинг порталот tc.mk и веб продавниците кои ја користат платформата/решението. Па се надевам оваа опција ќе биде достапна наскоро за сите е- трговци. (Александар, фала за информацијата)
Довербата е она што најмногу недостасува, меѓутоа со едукација на корисниците полека но сигурно почнува да се стекнува. Довербата е клучна во целиот процес на е-трговијата. Paypal ја носи таа доверба, но можам да се кладам дека само многу мал процент од корисниците знаат што е Paypal, и доколку дојде Paypal ќе мора да инвестира доста во бренд awareness и изградба на довербата кај корисниците.
Ја следам е-тровијата во Македонија од самите почетоци, дури во 2009, заедно со колегите од е-Невладина организиравме вебинар на тема е-трговијата во Македонија, снимка од истиот може да погледнете овде, и можам да кажам дека нешто што најмногу недостасуваше во тоа време беше иновацијата и нови бизнис модели, се до појавувањето на сервисите за групни попусти.
Со појавата на Групер, Колектива, Купуваме и сега уште мин 10 слични сервиси за групно купување, заживеа и е-трговијата во Македонија. Така, расот на е-трговијата во 2011 во споредба со 2010, е доста значителен.
| 2009 | 2010 | Првите 5 месеци од 2011 | |
|---|---|---|---|
| Вкупен број на успешни трансакции | 1.347 | 6.841 | 22.182 |
| Вкупена вредност на трансакциите | 872.967,62 ден | 4.730.252,83 ден | 15.084.777,31 ден |
| Вкупен број на е-трговци | 36 | 66 | 100 |
* извор Casys, целата презентација погледнете ја овде!
Ова е доказ дека иновацијата е она што создава вредност и води кон развој, и не треба да седиме со скрстени раце и да чекаме да дојде Paypal во Македонија за да започенеме со е-трговија.
За крај се прашувам дали откако ќе дојде Paypal, можеби ќе чекаме и Амазон да отвори Amazon.mk, па да почнеме со “развој” на е-трговијата.



Никола добар осврт. Морам да го поздравам твоето размислување, PayPal нема сигурно да ги реши сите проблеми.
Како што пишуваш погоре може да сметаме дека два важни предуслови (Интернет пенетрација и број на електронски картички) веќе се решени во голем дел. Веќе има позитивни сигнали и за третиот аспект, довербата на граѓаните со растот на стабилните сервиси за е-трговија кои тие ги искусиле.
Мала корекција, картичките на Стопанска банка освен на T-Home, функционираат и на шопинг порталот http://tc.mk и веб продавниците кои ја користат платформата/решението.
Стопанска Банка има своја картица која се користи за интернет плаќање и според мене е најзаштитена. (затоа што е поврзана со посебна тековна сметка наменета за интернет плаќање и која он-лине можете да ја надополнувате електронски од тековна сметка на која имате средства.
Поточно: кога сакате да плаќате префрлувате онолку колку Ви требаат да платите, ако не си ги враќате назад средствата на обичната тековна сметка. т.е. секогаш на таа сметка имате 0 ден.)
поздрав
@Aleksandar, ти благодарам. Надополнето е дека каритчките од стопанска поминауваат и на tc.mk
@Jove, точно но тоа дополнително создава многу маки, а и многу корисници ја немаат истата. А кога веќе останатите картички поминуваат на одредени места, може треба да поминуваат и кај сите македонски е-продавници.
Браво Никола! Секоја чест за текстот, податоците и што некој се сети правилната гледна точка да ја иложи за порастот на е-трговијата како резултат на групното купување кој за жал медиумите не го гледаат и не му посветуваат внимание.
Можеби картичка за интернет плаќање од Стопанска проаѓа за плаќање на tc.mk но со нормална картичка како Мастер кард од Стопанска не може да се плати на tc.mk. И тоа е проблемот. Ебати е-трговијата ако мораме специјални картички да вадиме. Ебати е-трговијата ако како сопственици на е- продавници не може да ни плати секој кој поаедува платежна картичка, туку мора да вади посебни картички за онлајн плаќање.
Е, тоа прилично кочи.
Здраво Горан,
Зборував за тоа дека сите стандардни картички на Стопанска банка (Visa, Mastercard) се официјално пуштени за трансакции преку Трговски центер и веб продавниците кои го користат сервисот.