Спас за животните – успешна Facebook приказна

Од Катерина Стојановска - сре дек 07, 3:36 pm

Со цел покренување на поголема општествена одговорност сметам дека еден од најуспешните проекти покренати на социјалните мрежи, е Facebook страната “Спас за животните”.

Верувам дека Вие сте вистински љубители на животни и дека ќе се согласите со мене дека бездомните кучиња и мачиња се вистински пријатели со карактер, кои секое семејство па и компанија би сакала да ги вдоми. Мојот тим веќе размислува да си посвои кученце, кое ќе ја збогати позитивната енергија во нашите канцеларии.

Во прилог е интервју со основачот на “Спас за животните”, Рената Хујич која одвои време за да ни сподели информации за својата идеjа и идни планови во успешно промовирање на концептот за вдомување на бездомни животни.

Како дојдовте до идеја за ваша Facebook страна “Спас за животните” ?
Facebook страната Спас за животните е отворена уште пред 2 години, со единствена идеја да се помогне во промовирање на концептот за вдомување на бездомни кучиња и мачиња.

Концептот за запознавање со овој проблем започна уште со отварање на стационарот Вардариште кој често го посетувам и во чии рамки ја покренав оваа иницијатива за вдомување на бездомни животни. Имам голема верба дека вистинските љубители на животни не мора да купуваат скапи расни кучиња и дека бездомните животни пружаат иста љубов и енергија во домовите.

2. Која е основната цел на Facebook страната и за што конкретно ја користите?

Основната цел на Facebook страната е зголемување на бројот на вдомени бездомни животни што се базира на нашето мото: Вдоми – Спаси Живот.

Така, со зголемување на бројот на фанови и се поголемо вклучување на љубителите на животни, голем број од нив имаат можност да вдомат миленик.

Врз основа и на социјалните услови за чување миленик, но сепак и големата желба на овие не толку имотни семејства да си дозволат миленик, сметам дека се најдовме во вистинско време и на вистинско место да овозможиме вдомување на миленици – без пари.

3. Колкава е успешноста на вдомени животни преку вашата Facebook страна?

Преку Facebook страната имаме вдомено 2000 кучиња и мачиња во семејства низ цела Македонија, што за мене претставува огромен успех. Моменталниот број е 21,432 фанови, но се надеваме дека ќе ни се придружат и многу повеќе.

4. Дали сметате дека преку промоција на вашата иницијатива преку Facebook е вистинскиот начин на креирање заедница што ќе биде општествено одговорна?

Сметам дека Facebook е вистинската локација за ширење на информации и покренување на свеста на луѓето во пронаоѓање на својата хуманост. Мислам дека имаме одлична кампања, Вдоми – Спаси живот со која ја менуваме свеста на граѓаните дека на крајот на денот домашниот миленик не мора да биде со педигре.

5. Кои се вашите идни планови?
Моите идни планови се во насока на конечно финализирање на идеата Спас за животните да стане здружение, за да имаме можност институционално да тропнеме на поголеми врати, за да добиеме поголема помош во промоција и реализација на поголемо вдомување на животни. Се надеваме дека ќе допринесеме за зголемување на хуманоста кај влијателните луѓе и дека во наредниот период нема да се запрашуваме дали соговорникот од кого бараме поддршка е љубител на животни.

Од името на сите бездомни животни кои мене ми го параат срцето, им благодарам на сите што ги сакаат за големата поддршка и соработка. Се надевам ќе продолжиме во иднина со поголем интензитет.

Коментирај