Маршалов план за освојување на социјалните мрежи
Од Дијана Димитровска - чет ное 12, 4:24 pm
Секој од нас во најголема мера ги има запознаено социјалните мрежи (Facebook, Twitter, LinkedIn, Flickr …) за да си направи свој профил и да постира работи кои го интересираат. Ги одржуваме кога ќе најдеме време за тоа, а во Македонија според статистиките имаме многу слободно време.
Гледаме и дека се појавуваат многу комерцијални страни, профили и содржини на истите тие социјални мрежи, затоа што, во денешно време македонскиот млад човек ‘кисне’ на интернет, претежно на социјалните мрежи.
Но, дел од принципите на општата култура ни сугерираат дека на таквите комерцијални зафати треба да им се пристапи малку посериозно во однос на планирање, стратегија и оддржување на профили, страни и содржини, затоа што претставуваат дел од кредибилитетот и влијаат на перцепцијата кон нашата компанија или производ.
Има неколку дилеми кои треба да си ги разрешиме во глава пред да почнеме да креираме: FB страна / профил, LinkedIn профил, Twitter профил итн за нашите прозиводи / услуги / фирми / нов блог / нов портал итн. Ќе пробам да бидам кратка и да сумирам.
Пред да почнете, седнете и размислете за:
1. Целта на вашата иницијатива. Ова изгледа едноставно, ама е многу важно да се дефинира точно на почеток, за да знаеме што правиме. Целта може да вклучува:
- да добиеме поголема посетеност на нашата веб страница за таму да го завршиме остатокот од ‘работата’. Ова е најчестата цел, а и најлогична; одзема најмалку време.
- да добиеме повратни информации во врска со производот / услугата преку дискусија. Немојте овде да си ставате изговори. Секако дека треба време за оддржување на оваа интеракција, ама читај подолу за повеќе околу ова.
- да вршиме промотивни акции (попусти / купони / сл) со што индиректно си добиваме кликови, и поголема запознаеност на луѓето со тоа што го правиме / продаваме / ‘проповедаме’
- да се поврземе… современо кажано ‘нетворкинг’ со парнери, други алки во нашиот синџир на вредност. Овде најсоодветни мрежи се LinkedIn, Xing, но не ги исклучувам и останатите мрежи, но зависи од вашата индустрија.
- да влечеме информации за настани од индустријата, конференции, семинари и сл. Доаѓаат во игра LinkedIn, Xing, Facebook, Twitter итн.
- да станеме водечки мислители и творители во одредено подрачје (opinion leaders). За ова треба да се обрне внимание на креирање на т.н. следбеници
- итн итн
2. Конципирање и креативен дизајн на профили / страници / содржини. Овде можеби би требало да внимаваме на конзистентност и препознатливост на дизајнерските елементи, според тоа можеби треба да му се јавиме на дизајнерот по иницијалната фаза на мислително-творечка дејност по која знаеме што сакаме.
3. Популирање со иницијални содржини и план за идни. Овде, се зависи од тоа какви соджини би имало, но препорачувам строг временски распоред на активностите, и поделба на работата меѓу луѓе во компанијата кои ги ‘бива’ за ова. Препорачувам да се централизира поставувањето на содржини, но да се децентрализира нивното креирање, за поголема компетенција во работата.
4. Оддржување на онлајн профили / страни. Неколку минути на ден? Еднаш неделно? Само тогаш кога имам нов е-маил за активност? Овде вие треба да си одлучите, но ова е еден од најбитните елементи. За ваша ориентација, еве колку време мене ми треба да проверам дневни активности за една од кампањите:
- проверка на твитер – разговори за мојот производ (2мин). Може да користите алатки како TweetDeck илиTwitter Search да ги следите разговорите во вистинско време. Или, сетирајте си RSS feed на Google Reader.
- скенирам гугл алерти (2мин). За да го направите ова, само сетирајте си алерт на гугл за името на компанијата, производот, менаџерите и сл. И ги добивате на е-маил, секој ден.
- Фејсбук проверка (2мин). Посетете си ја страната и кликнете на Facebook Insights (клик на ‘more’ под сликата).
- Барам прашања од индустријата на LinkedIn (2мин), ги испраќам до одговорните лица за одговор. За ова можете да си сетирате и RSS feed на Google Reader.
- Користам Google Reader да проверам Flickr, Delicious, Digg итн. (2 мин). На Google Reader можете да си централизирате податоци од било кој сервис кој го користите.
Ова се минимум 10 мин. дневно. Доколку има многу повратни информации, содржини, дискусии и сл, соодветно треба да се планира дистрибуција на одговорност за ова. Повторувам, препорачувам, од искуство, централизирање на постирање, децентрализирање на креирање на содржини / концепти / сл.
Ова беше обид за сумирање на процесот. Се надевам помогнав. Ќе има веројатно посебни статии за дел од овие работи, како што ќе се развива блогот. За да дознаете повеќе во меѓувреме, прочепкајте онлајн!!



