Што е блог? Зошто и треба блог на мојата компанија?

Од Никола Бојков - пон ное 16, 9:42 pm

Најпрво би сакал да започнам со дефиницијата на зборот блог, која ја најдов на Википедија. Според Википедија под блог се подразбира :

“Терминот блог е скратеница од веб-лог (weblog, web log), термин чие буквално значење е „дневник на веб“. Пишување или одржување на блог, или додавање на напис се нарекува „блогирање“. Одделните написи на блог се нарекуваат „постови“, а личноста која ги објавува се нарекува „блогер“. Блог може да се состои од текст, хипертекст, слики, линкови, како и можност за оставање коментари. Често даден блог има посебна тема или област која ја покрива, додека пак некои се наменети за дискутирање на лични искуства.”

За многумина блогот е место каде слободно може да се изразат и да ги искажат своите ставови,перцепции и размислувања и секако да добијат повратен одговор од своите читатели, да отворат дискусија или дебата. Блогот може многу лесно да создаде една мрежа на исто мисленици, кои ќе разменуваат мислења и информации.

Пред се блогот е една многу лична и интимна работа, па зошто сега и комапниите би се мешале во блогосферата. Бидејќи е во мода? Бидејќи прочитале во некој туторијал во 5 чекори ? Бидејќи некој консултант им рекол дека е добра практика да се има блог ?

Некој ќе рече “Но јас веќе имам веб сајт, и таму посетителите може да прочитаат се што ги интересира!” . Токму така и  моето лично искуство во разгледување на веб сајтовите на многу македонски компании, го потврдува истото. Но до кога така, до кога еднонасочна комуникација, до кога веб сајтовите се изедначуваат со проширен билборд или бизнис картичка ?  Или можеби вработените во оделот за маркетинг сеуште ги интересира само колку луѓе го виделе/посетиле веб сајтот/билбордот, т.е бројот на импресии. Дали се плашат од реални и точни резултати ? Но за ова повеќе во некој нареден пост, во меѓу време прочитајте што мисли Катерина за оваа тема.  Се извинувам за излегувањето надвор од темата,еве сега веднаш се враќам назад кон блоговите.

Ќе се задржам на две според мене многу важни точки, како аргументи зошто една компанија треба да има свој блог.

  • Блогот ви нуди двонасочна комуникација и интеракација со останатите блогери, кои најчесто го креираат јавното мислење за темата на која пишуваат т.е се opinion leaders.
  • Google едноставно ги обожава блоговите, ако може да се изразам така.

Прв чекор е идентификација на блогерите кои пишуваат за вашата индустрија или вашиот бизнис. Прочитајте што имаат тие да кажат, можеби уште во старт ќе дознаете што правите добро а што не. Следете ја дискусијата која се одвива на тие блогови и вклучете се активно во истата. Оставете коментар, одговорете на поставените прашања, покажете им дека сте тука за нив и дека се грижите.  Потрудете се блогерите да имаат позитивно мислење за вас. Напишете и вие пост на таа тема и префлете ја дискусијата на вашиот блог. Верувајте ми има многу што да научите од блогерите.

Во книгата “What Would Google Do?” авторот, дава пример за тоа како Dell на почетокот одбивала да ги слуша блогерите,но откако во еден момент кога во Google при пребарувањата за Dell голем дел од резултатите воделе кон негативни постови на блогери, сфатиле колку се важни блогерите и комуникацијата со нив, ја промениле својата страгегија. И од компанија која била пред банкрот ,денес се она што се . Доколку знаете некој сличен пример за Македонска компанија ве молам обавезно споделете го со нас!

Ова води кон втората точка .  Велат дека содржината е крал, кога станува збор за оптимизација за пребарување и вашите резултати во Google. За разлика од статичната компаниска веб страна која, во повеќето случаи, едвај еднаш годишно се ажурира со нови податоци, блогот секојдневно има нови и уникатни содржини, а токму тоа е она што Google го прави среќен. Во превод тоа значи можност за да бидете пронајдени по повеќе клучни зборови, и секако подобри позиции во резултатите при пребарувањата.

Дали и твојата компанија има блог? Доколку да, те молам во делот за коментари  сподели го линкот со нас. Доколку не, дали мислиш дека веќе е време да го започнете вашиот компаниски блог? Сите мислења и коментари се добредојдени.

Коментирај